Monday, November 4, 2013

Христо Зарезанков (кратка биографија)

Христо Зарезанков – роден во 1890 во Велес. Анархокомунист. По Младотурската револуција е активен во работничкото друштво „Класно единство“ во Велес. Во текот на Првата балканска војна бега во Швајцарија, плашејќи се да не биде уапсен од бугарските војски поради вмешаност во обид за експропријација на една банка во Софија. Во Швајцарија и Франција живее до декември 1917 година кога заминува за Русија и зема учество во револуционерните борби. До април 1918 година е во партизански одред во Украина, а од мај 1918 до март 1919 година е доставувач на литература на фронтот и во фронтовската позадина. Потоа, до август 1922 година работи во Полтава, каде служи и во Црвената армија и се бори против белогардејските единици на генералот Врангел. Во 1922 година се враќа во Москва и работи како помошник раководител на книжарницата на Сојузот за анархосиндикалистичка пропаганда „Глас на трудот“. На оваа должност останува до 1929 година, кога оваа анархистичка група е во целост репресирана од сталинистичкиот режим. Во 1930 година е уапсен и поминува месец и половина во затвор. Откако напишал писмо во весникот „Правда“ дека се откажува од анархизмот, го пуштаат од затвор. Повторно е уапсен во февруари 1933 година, поради тоа што не го спречил купувањето и продажбата на книги од Михаил Бакунин. Казнет е со три години егзил и е интерниран во Казахстан. Само што се вратил од егзил, во октомври 1935 година повторно е осуден на три години лишување од слобода и е интерниран во Минусинск, Краснојарски крај. Таму, во ноември 1937 година е уапсен, а на 11 април 1938 година, како бивш анархист и член на антисоветска организација, е осуден на смрт со конфискација на имотот. Стрелан е по неполн месец, на 4 мај 1938 година во Минусинск. Рехабилитиран е во 1958 година. * Текстот е преземен од Марксистичка интернет архива на македонски јазик

No comments:

Post a Comment