Saturday, January 31, 2015

Котоку Шусуи (кратка биографија)

Кратка биографија на новинарот Котоку Шусуи, кој помогна да се рашири анархизмот во Јапонија и кој беше егзекутиран поради предавство.

Котоку Шусуи
Котоку Шусуи

Роден на 4-ти ноември или 23-ти септември 1871-ва година во Јапонија, умира на 24-ти Јануари 1911-та година во Јапонија.

Котоку Шусуи е социјалист и анархист кој одигра водечка улога во ширењето на анархизмот во Јапонија во почетокот на 20-от век; особено со тоа што ги преведе делата на неговите современици на јапонски јазик, европските и руските анархисти, како Петар Кропоткин и др. Тој беше радикален новинар и се смета за маченик меѓу анархистите, бидејќи беше погубен за предавство, од Јапонската власт.

Социјалистичките години и затворањето
Котоку се исели од неговото родно место, градот Накамура, и се досели во Токио во неговите тинејџерски години каде стана новинар во 1893-та година. Од 1898-ма тој беше колумнист за весникот Еvery Morning News, еден од позначајните дневни весници во тоа време; сепак, тој даде оставка од таа позиција кога весникот зазеде про-воени ставови за време на Руско-Јапонската војна. Во 1903-та тој е еден од основачите на Common People’s Newspaper, со уште еден новинар - Сакаи Тошихико. Јасната и отворена позиција на весникот против војната и занемарувањето на законите за печатот ги доведе до конфонтација уредниците со власта во бројни случаи, а самиот Котоку отслужи и пет месеци казна затвор во 1905-та, во периодот од февруари до јули.

Америка и анархистичкото влијание
Во 1901-ва, кога Котоку се обиде да ја основа Јапонската Социјалдемократска партија со Сакаи, тој не беше анархист, туку социјалдемократ – навистина. Сакаи и Котоку беа првите што го преведоа Комунистичкиот Манифест на јапонски јазик, кој се појави како издание во еден од броевите на Common People's Newspaper за што си добија тешки казни. Неговите политички мисли прво почнаа да се здобиваат со послободарска филозофија откако ја прочита Полиња, фабрики и работилници на Кропоткин додека беше во затвор. Со негови зборови: - „Влегов во затвор како марксист социјалист, а се вратив како радикален анархист“.
Во ноември 1905, Котоку отпатува во САД со цел да може слободно да го критикува императорот, кого го гледаше како осовина на капитализмот во Јапонија. За време на неговиот престој во САД, Котоку беше дополнително посветен на идеите на анархистичкиот комунизам и европскиот синдикализам. Тој го понесе со себе делото на Кропоткин, Мемоарите на еден револуционер, додека патуваше кон пацификот; и откако пристигна во Калифорнија, тој започна да контактира со Кропоткин и до 1909 тој ја преведе Освојувањето на лебот, од англиски на јапонски. Илјада копии од книгата беа објавени во Јапонија во март таа година и беа дистрибуирани на студентите и работниците.

Враќањето во Јапонија
За враќањето на Котоку во Јапонија, во јуни 1906-та, се одржа јавен собир за добредојде. На овој собир, на 28-ми јуни, тој зборуваше за Плимата на светското револуционерно движење, која течеше спроти парламентарните политики (т.е. марксистичките партиски политики) и за сметка на генералниот штрајк како средство за идната револуција. Ова беше анархосиндикалистички став, поради влијанието на анархосиндикализмот во САД во тоа време, со основањето на Индустриските работници на светот (IWW), каде се гледа јасно влијанието.

После тој говор следеа низа записи, а најпознатото е Промена на мислењето (за универзалното право на глас). Во тие записи, Котоку пропагираше директна акција за сметка на политички цели од типот на универзално право на глас, што беше шок за многу од неговите другари со што дојде до зголемување на јазот меѓу анархистичките комунисти и социјалдемократите во Јапонското работничко движење. Оваа поделба веќе беше јасна кога одново започна со работа Common People's Newspaper, во април 1907 и беше заменет со два нови весници за само два месеци подоцна: социјалдемократскиот Social News  и анархистичкиот Тhe Osaka Common People's Newspaper.

Иако поголемиот број анархисти претпочитаа мирни средства за делување, како ширење на пропаганда, многу анархисти во тој период се свртеа кон тероризмот како средства за постигнување на револуција и анархистички комунизам, или барем задавање на удар на државата и власта.Значајни фактори во тој период беа репресијата на публикациите и организациите, како Социјалистичката партија на Јапонија, како и полицискиот закон за јавен мир, кои ефективно ги спречуваа штрајковите и организирањата на синдикатите.
Сепак единствениот инцидент беше кога четворица анархисти беа уапсени за поседување на опрема за правење на бомби. Иако не беа извршени никакви напади, во декември 1910-та дваесет и шест анархисти беа осудени за заговор за атентат врз императорот. Котоку беше обесен заедно со дванаесет други на 24-ти февруари 1911-та година иако само четворица од стотина уапсени  беа инволвирани во планираниот обид за животот на императорот, а Котоку не беше еден од нив.